Туристите од Македонија кои во моментов летуваат во Турција, не се загрозени на каков било начин од пожарите кои беснеат во овој регион. Информациите кои доаѓаат од Турција се дека за среќа помеѓу починатите и повредените лица од пожарите нема граѓани од Македонија. Овие информации за Алсат ги потврдија и од Министерството за надворешни работи.

„До нашите дипломатско конзуларни претставништва во Турција досега не е е пријавен ниту еден наш државјанин кој бил загрозен“, велат од МНР.

Од Туристичката комора велат дека деновиве интензивно се јавувале граѓани кои деновиве треба да патуваат кон Турција и барале информации за состојбата таму. Ниту еден чартер лет не е откажан, ниту имало барање за одложување на резервациите.

„Од кога се виде дека сето тоа е контролирано и дека нема погодени наши граѓани на местата каде што беа тие веќе се се врати во нормала. Интересот можам да кажам дека не е намален, туку напротив дека е доста голем за Турција и од ден на ден се зголемува и до средината на август капацитетите се пополнети“, изјави Ана Марија Алексова – Туристичка комора.

Пожарите во Турција се ставени под контрола. Турските медиуми пренесуваат дека дел од 70те пожари кои беснееја изминативе неколку дена се локализирани но дека и натаму има пожари кои се активни. Во пожарите загинаа шест лица, над 200 едвај се извлекоа, а 1000 беа евакуирани. Во гаснењето на пожарите учествуваа околу пет илјади луѓе, десетина авиони, и уште толку беспилотни летала, но и неколку хеликоптери кои деноноќно се ободуваат да ги стават под контрола. Најпогодени беа областите на Анталија и Бодрум.