Дали со Опен Балкан се прави алтернатива на ЕУ и дали со блокадата од Бугарија се откажавте од евроинтеграцијата. Ова прашање го постави Бојан Стојановски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ по вчерашниот договор на Заев со лидерите на Србија Александар Вучиќ и на Албанија Еди Рама. Нема друг пат освен Европа, но додека станеме членка мораме да работиме и на други полиња, изјави Заев кој ја обвини опозицијата за лицемерие.

„Дали со ветото од Бугарија завршија вашите надежи за амбициите во Европската унија и дали мини шенгенот е замена за Европската унија господине Заев?“, праша Бојан Стојановски.

„Ние потпишавме договор, потпишавме договор за признавањето на работните дозволи за да можеме слободно да работиме каде што ќе одлучиме, овде на Балканот. Потпишавме договори, меморандуми за ослободување, до конечна цел, конечно целосно ослободување на протокот на стоки и патници на нашите гранични премини“, додаде Зоран Заев.

Критиките наведени во најновиот Извештај на Стејт департментот беше дел и од пратеничките прашања. Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ прашува дали премиерот ќе бара одговорност од министерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.

„Дали господине Заев имате намера да побарате одговорност од вашиот министер за борба против корупцијата Љупчо Николовски бидејќи е кристално јасно дека откако е на оваа функција корупцијата има се повеќе замав и дали ќе се извините на администрацијата која што ја обвинивте за корупција се со цел да ги амнестирате функционерите од високите ешалони кои очигледно се главниот проблем и дали размислувате дека пративте опасна порака до владините функционери дека се генерално недопирливи“, посочи Кирил Пецаков.

Заев како да сакаше да се поправи од претходната изјава кога рече дека корупцијата е во третиот ешалон, односно во административните служби. Администрацијата сме сите ние и јас и другите носители на јавни функции рече тој, но одбегне да каже дали ќе побара одговорност од Николовски.

„Системот се справува и со крупните и со ситените риби, како што знае да каже народот. Повеќе високи политичари се веќе со судски пресуди и секако пораката секојдневно се испраќа дека законот важи еднакво за сите“, вели Зоран Заев.

Од опозицијата критикуваа и за зголеменото вработување во администрацијата особено сега пред изборите. Тоа е предизборен поткуп обвинија од ВМРО-ДПМНЕ . Премиерот Заев, рече дека во последниве години, бројот на административните службеници е сериозно намалена.