Доктор Харис Бабичиќ по потекло од Македонија кој неколку години работи на Каролинска институтот во Стокхолм

Во својот пост на Фејсбук докторот ги разјаснува дилемите во јавноста околу тоа зошто треба да се вакцинираме.

КАКО И ВАКЦИНИРАНИ ЛУЃЕ МОЖАТ ДА ПОЧИНАТ ОД КОВИД-19?
Веќе се забележуваат промени во епидемиолошката состојба кои укажуваат на нов бран. Сезонскиот ефект веројатно ќе го забави бранот за време на август, но тоа веројатно ќе се смени од септември натака доколку немаме вакцинирано доминантен дел од популацијата – над 90%. Сепак, доколку ги вакцинираме повеќето највозрасни и ранливи категории, не очекувам да новиот бран во пораст на случаи биде проследен со пропорционално ист пораст на хоспитализации и починати како во претходните бранови, пишува д-р Бабачиќ.

Во поглед на случајот на вакциниран човек кој се заразил и починал од КОВИД-19 што доведе до некаква паника во јавноста, чувствувам потреба да појаснам што всушност високата ефикасност на вакцините во спречување смртен исход од КОВИД-19 значи…
Не познавам процедура која гарантира апсолутна (100%) заштита од некоја болест или смрт во било кое поле, па ни во медицината. Така е и со вакцините. Како што претходно имам пишувано, студиите за процена на ефикасност можат да проценат дека некоја вакцина е 100% ефикасна во даден експериментален дизајн, но во реалноста, најчесто се случува да вистинската ефикасност на ниво на популација (која ја нарекуваме ефективност) е неколку проценти пониска. Па така на пример првично проценета ефикасност, во реалноста може да варира од рецимо 93% до 99.99% (илустративен пример).

Што тоа значи?

Најупростено, 99% ефикасност во спречување на смрт од КОВИД-19 би значело дека ако од 100,000 невакцинирани би ни починале 1,000 луѓе, од 100,000 вакцинирани ќе ни починат 10 луѓе, доколку се заразат. Така да не значи дека нема никогаш повеќе да видиме луѓе да починуваат од КОВИД-19 доколку сите ги вакцинираме. Ќе гледаме, но разликата ќе биде ОГРОМНА споредбено со тоа ако не сме ги вакцинирале луѓето. Разликата е огромна и ако таа ефикасност е на пример 90% – во дадениот пример, тоа се 900 спасени животи на 100,000 вакцинирани.

Се надевам дека ова ќе ги разреши дилемите во јавноста доколку имало некакви забуни. Вакцините делуваат, напиша д-р Бабачиќ.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.