Дванаесет договори за кофинансирање на проекти за прекугранична соработка со Бугарија и со Косово во вкупна вредност од 3,6 милиони евра потпиша денеска министерот за локална самоуправа Горан Милевски со претставници на граѓанскиот сектор, на неколку општини и на два центри за развој.

Средствата се обезбедени од ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка, а националното кофинансирање во висина од 15 проценти по проект, што е задолжителен услов за користење на средствата од ЕУ, во износ од 337 илјади евра, е обезбеден од Буџетот на  државата, односно од Министерството за локална самоуправа

На овој начин државата преку Министерството за локална самоуправа ги стимулира потенцијалните апликанти похрабро да влегуваат во партнерствата за прекугранична соработка, да подготвуваат добри проекти кои им се важни на државата и на граѓаните во пограничните региони и со тоа максимално да ги искористиме средставта од Унијата кои ни стојат на располагање. Осум проекти ќе бидат финансирани од Програмата за прекуграничната соработка со Бугарија, а четири со Косово. Вкупната вредност на проектите со Бугарија е 2,7 милиони евра, а со Косово 900.000 евра, рече Милевски.

Тој нагласи дека  од претпристапните фондови од инструментот ИПА досега со бугарската програма имаме имплементирано 100 проекти во првиот програмски период и 73 во вториот програмски период – ИПА 2. Со косовската програма, која започна подоцна, во вториот програмски период се имплементирани 12 проекти со партнери од Косово.