Американска воена база во ирачки Курдистан, во северен Ирак, била цел на напад од беспилотно летало. Во нападот, што бил извршен вчераутро, нема жртви или материјални штета, соопшти денеска меѓународната коалиција за борба против екстремистите во Ирак .
Беспилотното летало ја погоди коалициската база во Курдистан, но за среќа во нападот нема жртви и штети, изјави за француските медиуми портпаролот на коалицијата предводена од САД, полковник Вејн Марото.
Според локалните курдски медиуми, нападот бил извршен врз базата Ал-Харири, 70 километри северо-источно од Ебрил, главниот град на автономниот регион Курдистан.
Ирачкиот премиер Мустафа ал-Казими во понеделник во Вашингтон ќе разговара со американскиот претседател Џо Бајден за натамошното американско воено присуство во неговата земја.
САД Во Ирак се уште имаат околу 2.500 свои војници, од вкупно 3.500 војници на меѓународната коалиција.
Моќните проирански фракции, кои беа обвинети за десетиците напади врз американските интереси во Ирак во последните неколку месеци, бараат нивно напуштање.
САД во 2014 година се вратија во Ирак предводејќи ја меѓународната коалиција, формирана со цел да им помогне на ирачките сили да ја разбијат екстремистичката организација Исламска држава, која беше официјално поразена во 2017 година.
Членовите на Исламска држава се уште се присутни во планините и пустинските области и успеваат да извршат напади преку своите ќелии од таканаречени „спијачи“.
Американските трупи кои се уште се во Ирак имаат мисија за обука и советување на ирачката војска и нејзините антитерористички сили.