Новата двегодишна стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот ќе испрати порака дека организираниот криминал е неисплатлив, така што паралелно со криминалистичката истрага за делата како што се недозволената трговија со дрога, криумчарење на мигранти, тероризам и злоупотреба на службена положба и овластување, ќе се трага и по висината на приносите од нелегалните активности, што ќе резултираат со навремено определување привремени мерки и обезбедување на нелегално стекнатиот имот со цел негова подоцнежна конфискација со судска одлука.

Со Стратегијата ќе се зајакне интероперабилната соработка меѓу сите надлежни институции коишто учествуваат во процесот на финансиски истраги и конфискација на имот произлезен од кривични дела, така што ќе се зајакне нивната дигиталната поврзаност и навремена размена на податоци, како и кадровските и институционални капацитети на органите и нивна координација и меѓуресорска соработка во следење на протокот на пари и нивно прикривање и пренесување.

Тоа се клучните пораки изнесени на денешната промоција на „Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023″, што се одржа во Клубот на пратеници во Скопје.

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, рече дека гарант за целосно и навремено имплементирање на предвидените активности во следните две години е формирањето на Национална комисија за следење на националната стратегија и на нејзиниот акциски план.

Во работната група за подготовка на Националната стратегија, Николовски посочи дека активен придонес дале МВР, Министерството за правда, Јавното обвинителство, УЈП, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиски разузнавање, Царинската управа, Агенцијата за управување со одземен имот, Академијата на судии и јавни обвинители, Основниот суд Скопје 1, Кривичниот суд и Судскиот совет.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, рече дека стратегијата е насочена кон спроведување на меѓуресорски координирани финансиски истраги со цел идентификување и следење на приходи и приноси, имот и имотна корист, во земјата или во странство, а кои ќе се спроведуваат паралалено со криминалистичката истрага.

– Целосно сме посветени на градење систем кој испраќа порака дека криминалот е неисплатлив и тоа со негово сузбивање преку ефективна идентификација, финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнатиот имот или имотна корист, нагласи Спасовски.

Финансиските истраги во МВР, посочи тој, се водат од Единицата за финансиски истраги формирана 2020 година и полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, а веќе се водат финансиски истраги против 67 физички лица и 16 правни лица.