По седум месеци Град Скопје ги заврши градежните работи на новиот бул. „Никола Карев“ во Скопје, со изградба на нови 980 метри, и денеска беше официјално пуштен во употреба.

Инвестицијата на Град Скопје е околу 160 милиони денари. Булеварот има четири коловозни ленти, две комбинирани – велосипедски и пешачки патеки поради фреквентниот сообраќај, а направен е и потпорен ѕид од 690 метри.  Има и лед (смарт) осветлување, за кое градоначалникот Петре Шилегов рече дека ќе биде воведено во фази во градот.

– Станува збор за исклучително фреквентна сообраќајница која е најмногу искористена од жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба, но како транзитна сообраќајница користена е и од оние што само минуваат низ овој дел на градот. Оваа сообраќајница ќе се надоврзе и на новата клучка кај Момин Поток чија изведба ќе започне наредната недела, а со нејзиното завршување очекуваме значително да се намали сообраќајниот метеж во овој дел од градот – кажа Шилегов.

На булеварот Никола Карев, во оваа втора фаза од реконструкцијата, се изведе и нова атмосферска канализација и потпорен ѕид во должина од 690 метри, а поставено е и ново лед осветлување од двете страни. Вкупната инвестиција во втората фаза на овој проект изнесуваше околу 160 милиони денари.

За потсетување, минатата пролет Градот Скопје ја заврши првата фаза од реконструкцијата на булеварот Никола Карев, на потегот од клучката кај Бит-пазар до крстосницата кај касарната „Илинден“ во вкупна должина од 1.440 метри.

Градоначалникот Шилегов им се заблагодари на граѓаните за нивното трпение додека се извршуваа градежните работи, а најави дека од нередната недела ќе започнат и градежните работи за клучката кај Момин поток како и на повеќе други локации, протоа апелирајќи граѓаните да покажат разбирање додека траат градежните работи и да ги следат информациите за привремен режим на сообраќај што ги објавува Градот Скопје.