Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива до Основното обвинителство-Скопје го достави видео материјалот за објектот познат како „Титаник“, односно истражувањето кое го објави Истражувачката репортерската лабораторија.

Потпретседателката на партијата, Бујаре Абази вели дека ЈО не преземало ништо и целосно останало слепо за објектот кој на чаирчани им го попречува сонцето.

„Денес го доставивме видео материјалот до обвинителството, иако тоа требаше да реагира по објавувањето на скандалот. Но, ова обвинителство, како и многу други институции, се чини дека нема време да се справува со владините скандали, бидејќи е зафатена со гонење само на политички немоќни граѓани и оние кои не се на линија со власта. Како и да е, ние го предадовме материјалот за да им го одземаме и последниот аргумент дека не биле свесни за тоа што се случува пред нивните очи, и нема да се откажеме од борбата за правда и покрај големото разочарување од овие институции“, истакна Бујаре Абази.

Последното истражување на новинарите на ИРЛ е фокусирано на тоа кој стои зад дивоградбата Титаник во населбата Серава, општина Чаир, која се состои од два бесправни објекти. Редакцијата откри детали во врска со сопствениците на земјиштето.

Сепак, иако истражувањето е објавено пред една недела, ЈО сѐ уште молчи – дали ќе отвори истрага во врска со ова прашање?