Покрај службениот премиер на Бугарија Стефан Јанев, на изборите во Бугарија досега гласаа и лидерите на Бугарската социјалистичка партија Корнелија Нинова и на прозападната партија Демократска Бугарија Христо Иванов кој изјави дека не се загрижени поради излезноста.
Како што јави дописникот на МИА од Бугарија, сè уште не се знае дали поранешниот премиер Бојко Борисов ќе гласа јавно, како и лидерот на партијата што се смета за фаворит „Има таков народ“ Слави Трифонов.
Бугарското Национално Радио јави дека до девет часот излезноста изнесувала девет проценти.
– Им честитам на сите на денешниот ден на изборите, што е уште еден датум на кој треба да ја покажеме нашата одговорност за изградбата на политичка власт, изјави службениот премиер на Бугарија Стефан Јанев откако гласаше на предвремените парламентарни избори во земјата.
. Гласањето е наша одговорност и можност преку партиите да ги покажеме нашите желби и визии за изградба на власт и за транспарентно управување во интерес на Бугарија … Од нас зависи иднината на земјата, нејзините социјални, образовни, економски политики, ги повикувам сите масовно да гласаат, додаде тој.
– Се надевам дека ќе се формира кабинет по изборите. Сè зависи од предвидлив и стабилен кабинет, нагласи Јанев.
– Ние ја покажавме нашата решеност да го сведеме на минимум купениот глас. Во моментов има масовно полициско присуство низ целата земја, ја пренесува Бгнес изјавата на Јанев.