Граѓаните на Бугарија денеска гласаат на парламентарни избори. Ова се втори парламентарни избори за помалку од четири месеци откако по претходните, одржани на 4 април годинава, ниту една политичка партија не успеа да договори коалиција и да формира влада.

Бугарскиот претседател Румен Радев тогаш со декрет назначи привремена влада на чело со Стефан Јанев и ги закажа денешните избори.

Право на глас денеска имаат 6,7 милиони граѓани, а гласањето за првпат ќе биде електронски преку машини. За место во парламентот се борат 17 партии и шест коалиции, а според анкетите, очекувањата се во новото бугарско собрание да влезат шест до седум партии со оглед на тоа што три партии и една коалиција се близу до прагот од четири проценти кој е потребен за влез во парламент.

Јанев, кој е на чело на техничката влада, порача дека денеска треба да се покаже одговорност за изградба на политичка власт и изрази очекување дека по денешното гласање некој ќе успее да формира влада.