Процесот на вакцинација против коронавирусот во државава се одвива непречено. Освен во јавните здравствени установи и вакциналните пунктови вакцинацијата против Ковид-19 се реализира и во групните домови и во социјалните установи за долгорочно сместување. Од утре таа ќе се одвива и без закажан термин, а дозволена е и вакцинација на деца од 12 до 16 години.
Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, во тек на вчерашниот ден е извршена теренска вакцинација во Специјалниот завод Демир Капија, при што вакцина против Ковид-19 добија лицата со интелектуална попреченост сместени во заводот и вработените. Прва доза во овој завод добиле 155 корисници, од вкупно 171 корисник кои долгорочно престојуваат во установата и 55 вработени
По препорака од одговорниот лекар од тимот за вакцинација, преостанатите корисници ќе бидат дополнително вакцинирани штом нивната здравствена состојба го дозволи тоа. Вработените од заводот и центрите за социјална работа ги обезбедија потребните согласности за вакцинација од родителите или старателите на корисниците. Дополнително, 55 вработени кои обезбедуваат директна грижа и поддршка за корисниците, исто така, примија прва вакцина против Ковид-19. Во текот на април, како дел од критичната инфраструктура, повеќе од половина вработени во заводот веќе беа заштитени од ковид-19 со две дози вакцина, соопштија од МТСП.
Од Министерството за здравство информираа дека прва доза вакцина вчера примиле 7 751 граѓанин, а вчера вкупно се вакцинирале 9 213 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 662 372 дози вакцини, а ревакцинирани се 245 231 граѓани. Со последните бројки барем една доза вакцина имаат примено 54 проценти од населението над 70 години, 52 проценти над 65 години, 47 проценти над 60 години, како и 39 проценти од населението над 50 години.
Податоците што ги објави вчера Институтот за јавно здравје покажуваат дека во претходното деноноќие се регистрирани 13 нови случаи на Ковид-19 од направени 3.404 тестирања. Седум од новите случаи се од Тетово, а шест во Скопје. Починати пациенти како што соопштија од ИЈЗ вчера не се регистрирани, додека како оздравен е регистриран еден пациент од Прилеп.
Како што изјави претходно министерот за здравство Венко Филипче, ситуацијата поврзана со пандемијата предизвикана од коронавирусот е стабилна и нема потреба од дополнителни рестриктивни и мерки за заштита. Фокусот според него треба да биде во вакцинацијата, а не во живеењето со рестрикции.
Според најавата од Министерството за здравство, од утре треба да стартува и теренската вакцинација на населението преку мобилни пунктови, односно секој кој сака да се вакцинира ќе може тоа да го направи без закажан термин. Паралелно ќе се одвива и вакцинацијата на граѓаните кои се пријавиле на vakcinacija.mk. Според препораките, за децата од 12 до 16 години за кои од денеска е дозволена вакцинација ќе се имунизираат исклучиво со вакцината Фајзер чие упатство од производителот го дозволува тоа.
Вакцинирањето што поголем број на граѓани ќе овозможи заштита од ширење на епидемијата. Спуштањето на рамката на години за лицата кои се вакцинираат, ќе ја намали веројатноста и младите да го шират вирусот. Со вакцинација се овозможува заштита од преносливост на новите соеви и заштита од тешка форма на болеста или смртен исход, порачуваат од Министерството за здравство.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155 783. Бројката на оздравени пациенти е 150 124, на починати 5 487. Активни се 172 случаи со коронавирусот.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.