„Во една од забелешките во функционирањето на Парламентот под водство на претседателот Џафери реков дека нема пратенички прашања. Кај нас пратеничките прашања се трансформирани во владини оти нам министрите ни држат лекции и не критикуваат. А, да се случи тоа во британскиот Парламент спикерот ќе го отстрани министерот“,истакна Гордана Силјановска Давкова, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.

Силјановска Давкова додаде дека прашањата на граѓаните треба да се преточени во прашањата на пратениците, е така треба да биде и во македонскиот Парламент, но власта тоа не го дозволува.

„Замислете министрите кои треба да бидат контролирани од пратениците, сега ја обвинуваат најчесто опозицијата за состојбата во која што се наоѓаме, а тие се политички невини“, рече Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова во текот на емисијата се осврна и на поднесената интерпелација на Талат Џафери.

„Талат Џафери се однесува како командант на Собранието“, појасни Силјановска Давкова.

Таа посочи дека во македонскиот Устав во амандманот 5 не пишува дека англискиот јазик е службен јазик во меѓународните односи на Македонија, туку пишува дека е македонскиот јазик.

„Во услови кога и нас ни го оспоруваат македонскиот јазик, зошто да не го почитувате македонскиот Устав“, запраша Силјановска Давкова.