„Бугарскиот став за РС Македонија не е конјуктурен, туку објективно оправдан со проблемите што произлегуваат од неисполнувањето на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година“ изјави министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев за „Дојче Веле“.

Тој подвлече дека позицијата не е поддржана само од сите партии во парламентот, туку и од огромното мнозинство бугарски граѓани.

„Инвестиравме значителен напор и време во враќање на нормалниот дијалог и доверба меѓу двете земји. Во последните месеци се одржуваа состаноци на сите нивоа – претседател, премиер, министер, експерти. Разговорите беа конструктивни и отворени. Иако разликите опстојуваат, овие состаноци беа корисни за разјаснување на нашите позиции “, рече министерот Стоев.