Охридското средно угостителско училиште образува стручни кадри кои се одлеваат во други градови и не остануваат во Охрид кој страда од недостиг на таков кадар. Најголем дел од учениците по завршувањето на училиштето се враќаат во нивните места на живеење. Во исто време, младите охриѓани многу малку се заинтересирани за овој образовен центар, иако живеат во главниот туристички центар во државава. Во прва година се запишале 55 ученик, од кои 22 се од Охрид.

Advertisements

„Ако направиме анализа, во последните години забележуваме и доаѓаме до фактот дека прилично голем број од учениците се од другите градови, не од Охрид. Тоа е еден од позначајните долгорочни проблеми со кои што се соочуваат Охрид и охридскиот регион, каде што голем дел од учениците не се запишуваат во угостителско училиште иако имаме потреба од многу угостителско-туристички кадар“, изјави Марјан Радески-директор на средно угостителско училиште во Охрид.

Дополнително влијае и фактот дека населението во Охрид е намалено откако многу домаќинства се иселија.

„Со незапишувањето на ученици од Охрид, уште поголем ќе биде јазот, односно потребата од угостителски работници. Имаме од Битола, Прилеп, Неготино, но за жал бројката на ученици од Охрид е многу мала. Недостаток на кадар имаме и сега во моментот, но како се отвораат нови објекти, така и тие кадри од областа на угостителството и туризам ќе биде мал“, рече Блаже Јордановски, професор.

Според анализите, за половина е намален бројот на ученици кои се запишуваат во некои од стручните насоки во однос од пред десеттина години. Една од причините за ваквата состојба е и во помалите плати во угостителскиот сектор, па работењето два-три месеци во Хрватска или во Црна Гора на овие кадри им носи иста заработувачка колку во Охрид да работат цела година.

Мики Трајковски