Евроамбасадорот Дејвид Гир смета дека Северна Македонија ди исполни условите, а ЕУ мора да изнајде начин за започнување преговори.

„Сакаме да почнеме преговори кои се всушност стартната линија. Но, картата за во ЕУ се реформите. Секој реформски чекор е чекор поблиску до ЕУ, вели евроамбасадорот Гир во гостувањето на телевизија Сител.

Тој смета дека европската перспектива на Северна Македонија е неспорна, но е разочаран што земјава не доби позитивна одлука за преговори.

„И луѓето знаат дека ЕУ претставува најдобра можност за просперитет, стабилност, поткрепена од демократските принципи и владеењето на правото. Па сакаат да се придвижат напред, да го видат патот напред. Но, мислам дека е важно да се вратиме чекор назад и да имаме чисти глави“, додава Гир.

Она што не е доведено во прашање, она што не се оспорува е европската перспектива на Северна Македонија, потенцира Гир.

Во врска со критиките на адреса на ЕУ, Гир објаснува дека одлуките за проширување се носат со консензус.

„Одреден напредок е постигнат и мора да продолжиме до целта, а истовремено има конструктивни дискусии меѓу Софија и Скопје, рече Гир.

Според него, Северна Македонија и Бугарија треба да продолжат со дијалогот да изнајдат заедничко решение за спорот.

„Ова не е прв пат во контекст на приемот на членки, да има билатерални спорови кои биле решени и каде засегнатите држави станале ЕУ членки. Уверен сум дека и ова може да се реши и дека ќе ја видиме Северна Македонија како членка на ЕУ, рече Гир.