Навистина е важно да видиме остварување на ветувањето за европерспективите на регионот дадено во Солун. Ова е проблем на ЕУ и оваа блокада не се однесува само за иднината на С Македонија туку и на иднината на ЕУ во Западен Балкан, истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на панел на Првиот економски форум Скопје.

-Ветувањето што Европа го даде на Балканот се случи во Солун во 2003 г, беше потврдено во Софија на самитот на ЕУ за Западен Балкан и годинава во Љубљана. Како вицепремиер станува се потешко да им зборувам на луѓето, на граѓаните дека ова е можно… Немаме алтернативно решение освен да станеме функционална европска демократија која што е проследена со економски просперитет. Ќе продолжиме со реформите бидејќи ги правиме за нас, но процесот на пристапување ќе ни помогне да го направиме тоа подобро. Без разлика дали ќе почнеме со пристапните прегооври нашиот пат е јасен – ќе работиме кон градење на европска демократија, рече Димитров.

Тој посочи дека оваа блокада на евроинетргцијата на земјата е проблем и за самата ЕУ.

–Но, исто така е важно и сфаќам дека толку многу министри јавно сега кажуваат дека е ова прашање, проблем за самата ЕУ. На некој начин оваа блокада не се однесува само на иднината на Северна Македонија во ЕУ, туку и иднината на ЕУ во Западен Балкан, заедно сме тука. Или нема да успееме секаде вклучително и со соседите во Бугарија или ќе победиме сите, порача Димитров.