Белата куќа призна вчера дека целта на претседателот Џо Бајден до националниот празник 4 јули да се вакцинираат 70 проценти од возрасната популација со најмалку една доза нема да биде постигната.
Во својата предизборна кампања, демократот Бајден ја вклучи кампањата за вакцинација во приоритетите на својот мандат.
„Ќе бидат потребни повеќе недели за 70 проценти од населението да се вакцинира со најмалку една доза“, призна Џеф Зиентс, водач на тимот во Белата куќа, задолжен за одговор на ковид-19.
Сепак, се очекува 70 проценти од возрасните над 27 години да примат најмалку една доза до 4 јули.
Повеќе од 45 проценти од населението во САД се целосно вакцинирани, според сојузните податоци.
Втората Бајденова цел е 160 милиони Американци да бидат целосно вакцинирани до 4 јули, и засега потребно е да се вакцинираат уште 10 милиони луѓе за да се постигне тоа.
Таа цел може да се оствари „во средината на јули“, рече Зиентс.
Тој рече дека Америка „се подготвува за историскиот 4 јули, со големи прослави“, така што илјада луѓе се очекуваат во Белата куќа.
Истакнатиот американски експерт за инфективни болести д-р Ентони Фаучи предупреди дека делта варијантата, првично откриена во Индија, е најголемата закана за напорите на САД за искоренување на ковид-19 од своите граници.
Говорејќи пред новинарите, Фаучи истакна дека „инфективноста на делта варијантата е несомнено поголема“ отколку што била првичната варијанта на ковид-19.
Делта варијантата станува глобално доминантна верзија на болеста, соопшти Светската здравствена организација во петокот.
Вакцините одобрени во САД, вклучително и Фајзер/Бионтек, се ефикасни против новата варијанта на ковид-19, рече Фаучи.
„Имаме средства, па да ги искористиме и да се избориме против епидемијата“, рече тој.