Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан денеска не сакаше да ја коментира средбата меѓу претседателот Стево Пендаровски и вселенскиот патријарх Вартоломеј, што пред неколку дена се одржа во Турција. Прашан која е пораката од оваа средба, г.г. Стефан со одговор дека ова прашање треба да се упати на Претседателот.

-Најдобро него ќе го прашате не можам да пренесувам нешто, што не го знам, вели г.г. Стефан.

Посочува дека често пати има средби со претседателот Пендаровски, но по оваа средба во Турција сè уште се немаат сретнато.

Поглаварот на Македонската православна црква и Охридска Архиепископија (МПЦ ОА) г.г. Стефан денеска во Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип ја промовираше книгата под наслов „Слово за словата“. Ова е втора промоција на ова капитално дело и во него се поместени слова и беседи искажани по некаков повод. Со ова издание на поглаварот се одбележуваат два јубилеја, 33 години од неговата работа како архијереј и 20 години од неговиот избор за поглавар на МПЦ-ОА.

-Повод е промовирање на петте книги беседи, со кој се планираше, а еве и се оствари да се одбележат 33 години од хиротонијата и од моето устоличување како епископ во Штип и 20 години од изборот за Архиепископ. Овде се поместени слова, беседи изговорени по некаков повод и овде во Брегалничката епархија и во сите епархии на Македонската православна црква и овде во татковината и насекаде во светот, вели Г.г Стефан.

Посочи дека ова е втора промоција и смета дека Брегалничката епархија и Штип го заслужуваат тоа, бидејќи како што рече токму ова му е родниот крај.