Дизелот ќе поскапува за дополнителни четири денари по литар. Оваа информација доаѓа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои тврдат дека во ребалансот на буџетот има нова давачка за граѓаните. Според опозиционерите, станува збор за нов данок, односно надомест при увоз и производство на дизел гориво од 4 денари по литар.
„Со овој нов данок дизел горивата трајно ќе поскапат за 4 денари. Заев планира од ваквата мерка за половина година да собере скоро 27 милиони евра, односно околу 54 милиони евра за една година. Народот е тој кој е најпогоден од поскапувањето на дизелот заради новиот данок. Земјоделците, транспортерите и граѓаните во целост се тие кои ќе го понесат товарот на данокот на Заев“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО тврдат и дека вчера Владата го испратила ребалансот на усвојување во Собранието, но експресно бил повлечен назад. Причината не се знае. Од Министерството за финансии не добивме одговор дали се подготвува нова акциза или некаков нов данок за корисниците на дизел горивото? Стопанствениците пак велат дека доколку нафтата поскапи, власта мора да најде начин како да им ги намали трошоците.
„Во случај да дојде до драстично поскапување на нафтените деривати, тогаш треба секогаш да се мисли на онаа нафта која се користи за бизнисот, како што се пекарите или за греење на фабричките хали. Мора да има одредени субвенционирања за на еден начин да не биде тоа пречка за развој на бизнисот“, рече Ангел Димитров, Организација на работодавачи.
Инаку, владата предводена од СДСМ веќе еднаш ја зголеми акцизата на нафтата за три денари. Тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски покачувањето го правдаше како мерка со која ќе се намали употребата на дизел-горивото. Лани владата со уредба дополнително ја зголеми цената на дизелот за три денари како антикризна ковид-мерка, но таа уредба веќе истече. Инаку, од Регулаторната комисија за енергетика веќе најавија дека со нормализирање на состојбата со пандемијата ќе следи посериозно зголемување на цената на нафтата и нафтените деривати.
Иле Петревски