Почина Џејмс Пердју, американски дипломат, поранешен амбасадор во Бугарија, кој остави голема трага и белег во случувањата на Балканот, особено по распадот на Југославија. Американскиот дипломат кој помогна во завршувањето на конфликтот во 2001 и во склучувањето на Охридскиот договор, починал во средата на 77 години.

Причината за смртта не е наведена. Џејмс Пердју остави неизбришлив белег на Балканот – прво како дел од екипата на прославениот дипломат Ричард Холбрук, а потоа и како американски претставник за Македонија за време на воениот конфликт 2001 година.

Тој беше еден од архитектите да им се стави крај на непријателствата, а потоа да се осмислат уставните измени. Пердју го претставуваше американскиот министер за одбрана на преговорите во Дејтон за иднината на Босна и Херцеговина, а беше и заменик-специјален советник на претседателот на САД во времето на конфликот во Косово и имплементацијата на мировниот договор.