Планот за инвестиции на премиерот Заев е чиста утопија и илузија и е само маркетинг пред одржувањето на локалните изборите, вели за ТВ21 Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии. Такви големи планови треба да се усогласат на парламент но и со владините партнери смета Хајредини. Кој ќе биде инвеститор на Попова Шапка, оној за кој Заев зборуваше или Османи прашува Хајредини .

„Во оваа политичка ситуација ова е премногу утопизам. Второ, тој е неусогласен со претставниците на коалиционата партија. Тој да рече дека пред финална ситуација сме да ангажираме познати компании од Европа, додека Бујар Османи веќе ги информирал шеиците во Обединетите Арапски Емирати и тие покажале интерес да дојдат да инвестираат во Македонија“, вели за ТВ21 Џевдет Хајредини – екс министер за финансии.

Во 2009 година тогашниот премиер Никола Груевски најави амбициозна инвестициска програма што беше предвидено да се реализира за период од 7 години и тоа исто од 8 милијарди евра. Тогаш Заев, во опозиција критикуваше дека вакво нешто е невозможно да се оствари и дека тоа е само политички маркетинг. Хајредини го спореди планот со тој на Груевски и праша дали оваа власт ќе одговара ако не се реализира.

„Повеќе од овие проекти пред десетина години ги предвидуваше и Никола Груевски со неговите програми проширени и надградени. Ги гледаме истите, централа Чебрен и така натаму, за сето тоа ни еден камен не се стави. Може се пред избори да се вети, ништо да не се оствари, главно се добиваат изборите“, додава Хајредини.