Директорите на Фондот за здравствено осигурување Стево Крстевски и Фатон Ахмети ќе возат автомобили на Форд марка „Mondeo titanium“. Двата автомобили чинат над 5 милиони денари или околу 80 илјади евра. Од Фондот за здравствено осигурување велат набавката е направена затоа што потребни им се нови возила. Моменталните кои ги употребувате биле стари.

„ФЗО последен пат има набавено 2 (две) патнички моторни возила марка Skoda Octavia Ambition 2,0 Tdi за свои потреби на 20.03.2014 година. Овие возила , Фондот ги користи за потребите на Централата и на 30-те подрачни служби на ФЗОРСМ низ државата . Со оглед на тоа што двете возила имаат поминато над 300 000 километри, тие се крајно амортизирани и трошоците за нивно одржување се значително големи“, посочија од таму.

И министрите ќе возат нови возила, но со оперативен лизинг. Возилата ќе се изнајмуваат на 36 месеци, што според Владата е економски поисплатливо. Се уште не се знае каква марка ќе бидат.

Но, за економистите не е дозволиво владата и државните институции да се луксузираат во време на криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот.
„Секој ден гледаме дека има се повеќе невработени лица, секој ден гледаме дека разни претпријатија и компании банкротираат. Ние трошиме за луксузи за Владата, тоа не е економски прифатливо. Не е прифатливо. Нашиот буџет се полни преку пари од различни странски фондови тие пари наместо да ги удвојуваме, ги трошиме на разни луксузни на Владата и тоа не може да се оправда. Значи, тоа е економски неприфатливо. Има и автомобили од 10 илјади евра што можат да служат, но гледаме дека нашата влада сака да управува со луксузни автомобили кои чинат над 40 илјади евра“, посочи економистот Рахметулах Ферати.

Инаку договор со оперативен лизинг Владата имаше во 2018 та година. Тогаш набави 45 возила исто така на 36 месеци. За 9 години ова е четврти тендер за службени возила за потребите на функционерите.

„Владата последен пат, пред 3 години, набави 45 возила за потребите на министрите и странските делегации кои престојуваат во Северна Македонија. За таа намена, со оперативен лизинг на три години беа издвоени околу 92 милиони денари“, исткнаа од Владата.

Доколку се направи пресметка граѓаните за 36 месеци ќе плаќаат за рати за лизинг по најмалку 1.000 евра месечно, или околу 40.000 евра по возило. Сума што е приближно иста колку што би чинело возилото да се купи од авто салон.