Министерството за транспорт и врски информира дека продолжува со отворената консултација за Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти. Во таа насока, денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски оствари работна средба со Комората на овластени архитекти и инженери како и со граѓанските здруженија „О2“ и „Фронт 21/42“.

На средбата се отворија низа прашања и предлози во насока на подобрување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти.

-Денеска имав плодна дискусија со невладините организации „О2“ и „Фронт 21/42“ како и Комората на овластени архитекти. Разговаравме за подобрување на Законот и сметам дека сме во добра насока сите заеднички да креираме законско решение кое ќе понуди фер можности за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти. Сите предлози внимателно ќе ги анализираме и сè што е конструктивно решение ќе инкорпорираме во Законот, притоа ќе водиме сметка да го заштитиме јавниот интерес, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека и во следниот период ќе продолжат со јавните консултации во насока на подобрување на Законот.