Владата на денешната редовна 72 седница донесе Одлука за престанување на важноста на мерката со која сите домашни и странски физички лица што доаѓаат од земјите од Африка задолжително се упатува во 14-дневен карантин и ја усвои Информацијата за изготвување на електронски картички за патнички возила од Србија, со што се создаваат услови за ослободување од плаќање патарина во земјава на српските државјани за време на летната сезона.

– На седницата, Владата донесе Одлука за престанување на важноста на мерката со која сите домашни и странски физички лица – патници од земјите од Африканскиот континент и Федеративната Република Бразил, кои влегуваат на граничните премини на територијата на Република Северна Македонија, задолжително да се упатуваат во 14-дневна изолација (карантин) односно оваа мерка да продолжи да се применува само за странски физички лица – патници од Република Индија, информира владината прес-служба.

Покрај ова, во насока на ветувањето за ослободување на плаќање патарина во земјава на српските државјани за време на летната сезона, Владата ја разгледа и усвои Информацијата изготвена од Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски, а во врска со изготвување на електронски картички (М-Смарт Кард) за патнички моторни возила на туристи од Република Србија кои би транзитирале на Коридор 10 за време на летната сезона во периодот од 15.06.2021 до 15.08.2021 година.

– Во оваа насока е задолжувањето на Министерството за финансии да префрли средства во износ од 172.000.000,00 денари за набавка на 200.000 М- Смарт Кард на сметката на Владата, а ЈП за државни патишта да изврши сукцесивна испорака на предвидените количини на М- Смарт Кард. Се задолжува Јавното претпријатие за државни патишта, откако ќе заврши проектот, во случај на неискористени средства, истите да ги врати на сметката на Буџетот на Република Северна Македонија – Влада на Република Северна Македонија. Министерството за внатрешни работи е задолжено за распределба на електронските картички на возилата со српски туристи кои ќе влегуваат на територијата на Република Северна Македонија преку Граничниот премин Табановце, информира владината прес-служба.

Во соопштението се посочува и дека на седницата, министерот за здравство Венко Филипче информирал дека во однос на епидемијата од КОВИД-19, бројот на дијагностицирани и хоспитализирани лица е намален и следствено на тоа се затворени дел од Ковид-центрите.

– Филипче во однос на постапката за масовна вакцинација на населението, информираше дека процесот на набавка на вакцини и вакцинација на населението се одвива добро, најавувајќи отворање на два дополнителни пункта за имунизација во Велес и Прилеп, се додава во соопштението.