Владата на денешната седница донесе одлука за продолжување на рокот за аплицирање за финансиска поддршка во земјоделството за 2021 година од 31 мај на 30 јуни 2021 година, со цел да се овозможи сите земјоделски стопанства да аплицираат за финансиска поддршка.

Покрај ова, направена е и измена на уредба со која се намалува бројот на пчелни семејства од 15 пчелни семејства на пет пчелни семејства за производители кои имаат ограничени услови на производство.

Како што информира владината прес-служба, Владата на предлог на Министерството за здравство ги разгледа и усвои Информацијата за укинување на Решението за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на Друштвото за производство, трговија и услуги „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“, увоз-извоз, ДООЕЛ Битола – Подружница „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“- Прилеп, како и Информацијата за укинување на Решението за давање на одобрение за одгледување на коноп за медицински цели на Друштво за производство, трговија и услуги „МЕДИЦАЛ 420“, увоз-извоз, ДОО Битола.

– Притоа, беа донесени Одлуки за престанување на важењето на одлуката за давање согласност на Решенијата за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на Друштвото за производство, трговија и услуги „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“, увоз-извоз, ДООЕЛ, Битола – Подружница „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“- Прилеп и Друштвото за производство, трговија и услуги „МЕДИЦАЛ 420“, увоз-извоз, ДОО Битола, се додава во соопштението.

Владата дискутираше и за Одлуката на Уставниот суд, кој на денешната седница по иницијативата за оценување на уставноста, го укина членот 163 од Законот за банки, според кој Фондот за осигурување депозити, кој е создаден за да се гарантира исплатата на штедните долгови до 30.000 евра, е прв што ги наплаќа побарувањата кога една банка ќе пропадне.

– Со укинувањето на членот е создаден правен вакуум и потребно е донесување на нов Закон кој ќе го дефинира јавниот интерес, заклучија членовите на Владата. Беше донесен заклучок, Министерството за финансии во рок од 15 дена да подготви измени и дополнувања на Законот за банки, со цел пополнување на правната празнина и обезбедување еднаква заштита на штедачите, согласно европските закони кои се почитуваат во државата., се наведува во соопштението.

Во рамки на точката кадровски прашања, на предлог на Комисијата за именување денеска Владата го именуваше Филип Андов, за директор на КПУ „Затвор-Скопје“, а Даниел Антоски, за директор на ВПУ „Воспитно поправен дом-Тетово“, по објавени јавни огласи и уредно разгледани апликации.

– На денешната седница беше донесена Одлука, за обезбедување на финансиска поддршка од 2 милиони денари на барање на Националната установа- „Охридско лето“, за одржување на Фестивалот „Охридско лето“, манифестација под покровителство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, информира владината Прес-служба.