Кина денес објави дека е активно вклучена во посредувањето во насока на ставање крај на насилството меѓу Израел и Палестинците.
Кинескиот специјален пратеник на Блискиот Исток, Џаи Јун, разговараше со претставници на палестинското и египетското Министерство за надворешни работи, а исто така ќе разговара со претставници на Израел, Русија, Обединетите нации, Европската Унија и други страни, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Џао Лиџен, пренесува АП.
Според неговите зборови, пратеникот повика на итен прекин на огнот, ветувајќи им помош на Палестинците и повторувајќи ја цврстата определба на Кина за решение за двете држави.
Портпаролот додаде дека Пекинг би сакал да биде домаќин на преговорите меѓу двете страни во Кина и дека е подготвен да обезбеди хуманитарна и други видови помош на палестинската страна во рамките на своите можности.