Разрешениот директор на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски попладнево на својот фејсбук профил го отфрли како невистина тврдењето на министерот за економија Крешник Бектеши дека во последните две години Инспекторатот само еднаш ја искористил мобилната лабораторија која е во сопственост на Бирото за метрологија.
Според Пауновски, таква лабораторија е набавена во 2019 година од страна на Владата, но на Пазарниот инспекторат никогаш не му била дадена, поради што и не ја користел.
-Ги негирам изнесените невистини од страна на министерот за економија Крешник Бектеши дека иако сме имале акредитирана лабораторија, не сме ја користеле. Вистината е дека таква лабораторија беше набавена во 2019 година од страна на Владата, а јас, премиерот Зоран Заев и министерот Крешник Бектеши ја промовиравме заедно во јавноста како проект кој ќе ни помогне да вршиме квалитетна и независна контрола на нафтените деривати. Тоа требаше да биде револуција бидејќи дотогаш (и се уште), нафтената индустрија во земјава, иако претставува еден од најголемите загадувачи на животната средина, повеќе од една деценија е оставена сама да си го контролира квалитетот на горивата. Лаборатијата никогаш не ни беше дадена и не е употребувана од наша страна, бидејќи министерот за економија не дозволи таа да оди под владение на Пазарниот инспекторат. За тоа две години се води и спор помеѓу Инспекторатот и Бирото за метеорологија, на кого и беше доделена лабораторијата, наведува Пауновски.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска, одговорајќи на новинарско прашање зошто немал сознанија дека во земјава се увезува опасен мазут, рече дека Пазарниот инспекторат ја користел државната мобилна лабораторија само еднаш во последните две години.
-Како Министерство пред две години набавивме независна мобилна лабораторија која е во сопственост на Бирото за метрологија на државата. Директорот на Државниот пазарен инспекторат до овој момент ја користел само еднаш во последните две години. Јас не би сакал да го користам зборот дека во тоа истражување директорот лажел, но кажал многу невистини имајќи предвид дека токму оваa мобилна лабораторија можело да се користи да се направат такви проверки, а тој ниеднаш ниту се обратил во Министерство за економија, ни во Бирото за метрологија, не ни ја известил Владата ако имал такви сознанија, истакна Бектеши.