Министерството за надворешни работи не открива детали за најавената дипломатска активност со Софија. Иако министерот за надворешни работи најави засилени напори за да се најде решение со што ќе се деблокира почетокот на преговорите со ЕУ, денес од МНР не одговараат на прашањата на ТВ Алсат, дали ќе има средби, на кое ниво, каде и кога? Не кажуваат ништо ниту за реакцијата на Софија на понудата на Скопје. Во меѓувреме, шефовите на држави продолжуваат да лобираат за поддршка. Претседателот Пендаровски за време на состаноците во рамките на Процесот Брдо Бриони во Словенија, со неговите словенечки и хрватски колеги, рече дека земјата заслужува да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

“Северна Македонија е подготвена за првата меѓувладина конференција. Северна Македонија останува посветена на исполнувањето на целта на надворешната политика, поточно полноправно членство во ЕУ, што ќе овозможи забрзување на реформите во земјата“.

Поранешната шефица на бугарската дипломатија, Захариева, која му даде инструкции на нејзиниот технички наследник како да се справи со билатералниот спор, за бугарските медиуми рече дека на Северна Македонија, и пречат граѓаните кои се чувствуваат како Бугари. Захариева рече дека Софија не може да даде зелено светло за преговарачката рамка за Скопје сè додека Скопје не стави крај на омразата кон Бугарија, иронично рече „Скопје мора да разбере дека ЕУ не е Советски сојуз“. Таа дури ги критикуваше реформите во земјата.

Екатерина Захариева, поранешна министерка за надворешни работи на Бугарија

“Пред четири години, Грција беше виновна, Грција беше обвинета за попречување на реформите и почеток на преговорите со ЕУ. Две години подоцна, две други земји, Франција и Холандија, беа виновни за бавниот напредок, за недостатокот на вистински реформи, за недостатокот на јасна гео-политичка ориентација. Во моментов виновна е Бугарија. Треба да видиме каде навистина е проблемот! Затоа што ние сакаме да им помогнеме, ние сме вистински пријател и мора да бидеме јасни и да не бараме надворешни виновници“.

Бугарскиот технички министер Светлан Стоев изјави дека преговори ќе има, но дека техничката влада не е овластена да го менува ставот за Скопје.