Петар Колев

Некој упорно не сака да признае дека таа оска е аминувана од Москва, а економските инекции, не под формата на вакцини се разбира, а преку инвестициски програми и капитални инвестиции стигнува од Пекинг.

Заев се обрати од Елада, светот и односите се други, а ние и понатаму остануваме заклештени во менгемето север-југ. Иако нашите стратешки, но и чисто етнички и јазични предиспозиции предвестуваат комбинации во оската исток-запад (Турција, Бугарија, Македонија и Албанија), економските интереси заложени од едно друго време, автопатот и железничката пруга поставени од Југословенските мајстори уште од времето на Караџорџевичи, придружувани од идеите за заедничка граница на Грција и кралство Југославија, некако успеваат и во 2021 година да се основен таргет на денешните политички стратези.

Да, нивната стратегија е уникатна, подсолена со малку плажи, вили, камиони, трговски интереси и Солунското пристаниште локализирано во Пекинг, а за енергенсите, банките и црниот капитал, стратегијата „дечки ми смо Београдски џаци“ и волимо Солун е добитна комбинација. И како „душиш“ се намести работата со „проблематичните“ Бугари и нивната блокада, а браќата Албанци одамна имаат своја игра на која оваа Белградско-Атинска оска почна и да не им пречи.

Сето ова е релевантно, капиталот си врви, пропагандата си тера, а Македонија никако да тргне напред. Не би се навраќал на примерите од приватизацијата и заземањето на клучните стратешки бизниси од нашите јужни соседи, кои по дифолт те ставаат во партер позиција, па ако сакаш биди и политички Херкулес од раните 90-ти години со амбиции за конгрес во Солун, но нели парите не мирисаат?!

Белградската игранка е јасна и таа се враќа на бел коњ, а медиумскиот простор и трговијата, како и силното советничко лоби во сите македонски влади до сега, проследено со братската прегратка на црниот капитал без поглед од „надвор“-мислам на ЕУ и НАТО е супер терен за македонската политичка елита.

Но кој е патронот на таа оска север-југ? Што ние мајка бараме таму, освен се разбира бизнис интересите на македонската политичка, но и олигархиска елита? И најклучното, што ни донесе како резултат оваа игранка 30 години?

Освен блокадата која беше факт од грчка страна од денот на создавањето на македонската држава, кое впрочем не беше никаква пречка грчкиот капитал да навлезе длабоко во порите на македонскиот капитализам, вклучително чадориран од најголемите „патриоти“ и се разбира здебелувањето на папочната врска со Белград, изразено политички, медиумски и геостратешки, што капитализира како резултат Македонија и секој македонски граѓанин од сето ова?

Некој упорно не сака да признае дека таа оска е аминувана од Москва, а економските инекции, не под формата на вакцини се разбира, а преку инвестициски програми и капитални инвестиции стигнува од Пекинг.

Некој упорно глуми голем демократ со јасни евро-атлански позиции, но нели парите не мирисаат, па не му пречи да ги користи мрежите поставени од Белград и Атина, кое нема како да не подразни на исток некаде околу Сердика, особено ако пораките пристигнуваат некаде околу пладне, на неколку километри од старата Солунска митница.

И ако хаотичноста на софијанци, нивните внатрешни проблеми рефлектираа ваков резултат, дали прегратката од старите московски играчи на Балканот ќе не стопли? Оваа игра е играна повеќе од 130-140 години, особено по ревизијата на Сан- стефанскиот договор и ревизијата на влијанието на Балканот и балканските држави. Уште посилно се заигра после Втората светска војна, но по овие правила и по ваков начин одиграна сите овие години, фактурата се испараќаше кај нас дома на домашна адреса, не во Атина, Белград или Софија…а сега веќе и Тирана и Приштина. Или треба да ја смениме тактиката, или да ја разгледаме позиционираноста, или и понатаму Кремљ, преку своите сателити на југ и север од нас, ќе ни сместува ситуации од кои ќе имаме конфликти, но секогаш ќе се за наша сметка.

И гласот во пустина е глас!