Причината за ваквиот став на судијата во случајот против славниот актер е барањето анонимниот тужител да го открие идентитот, што тој одбива да го направи.

Минатата недела судијата Луис Каплан наредил лицето кое го обвинува актерот за сексуална злоупотреба, а во сите документи се води под иницијалите Ц.Д, да го открие јавно својот идентитет.

Според судијата ова е во интерес на случајот во кој славниот актер е обвинет дека во 1980-те го злоупотребувал Ц.Д кој тогаш имал 14 години, со оглед дека обвинението е против јавна личност. Но, во четвртокот адвокатот на тужителот изјавил дека тој нема да го открие своето име и идентитет. Имено тој се плаши дека ако јавно се дознае кој è ќе има големи проблеми кои ќе го следат засекогаш. Прво е стравот од „несакано внимание од јавноста“ со кое нема да може да се снајде.

Ц.Д. претходно зборувал со разни луѓе за обвинувањата, уште во 90-те години од минатиот век, дури и соработувал за еден напис за ваквите „мршојадци во шоубизнисот“ објавен во ноември 2017 година. Поради ова судијата тврди дека тужителот свесно преземал ризик дека кое било од тие лица може кога било да го открие неговиот вистински идентитет на начин што ќе привлече големо внимание од јавноста.

Ѕвездата од „Американска убавина“ изминатите години беше во центарот на низа обвинувања за сексуална злоупотреба. Во октомври 2017 година, актерот Ентони Рап изјави дека во 1986 година кога имал 14 години, Спејси (тогаш имал 26 години) се обидел со него да иницира сексуални дејствија.

Кевин Спејси преку Твитер изјави дека не се сеќава на такво нешто, но, сепак му се извини на Рап за непријатноста, со образложение дека е можно да се случило додека бил под дејство на алкохол.

Рап се приклучи во тужбата на Ц.Д. против 61-годишниот актер, а подоцна уште 15 други лица излегоа со слични обвинувања против Спејси, меѓу кои Хари Драјфус, синот на актерот Ричард Драјфус, едно 18 годишно момче од Нантакет и Ари Бен, поранешен член на Норвешкото кралско семејство, кој го обвини актерот дека го допирал под маса на настанот за доделување Нобелова награда во 2007 година.

Спејси исто така беше дел од истрага на Скотланд Јард, по обвинување на неколку мажи за сексуално злоупотребување во Лондон од 1996 до 2003 година.

Истиот ден кога Рап го обвини, Спејси јавно призна дека е хомосексуалец пишувајќи на својот твитер-профил:

„Имав врски со мажи и жени. Ги сакав и имав романтични врски со многу мажи низ животот, па избирам да живеам како геј-маж.“

Ова ги разлути припадниците на ЛГБТ заедницата кои беа убедени дека актерот на овој начин се обидел да ја дефокусира јавноста од обвинувањата и воедно дека на тој начин прави врска меѓу хомосексуалноста и злоупотребата на деца.