Непрофитната фондација водена од британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган Маркл, „Archewell“, во вторникот објави повеќегодишно глобално партнерство со „Procter & Gamble“ за да работи на градење на „посочувствителни заедници“.
Во фокусот на новото партнерство ќе биде родовата еднаквост, создавањето на инклузивен интернет простор и можноста за закрепнување после потешкотии преку спортски активности, се вели во соопштението од непрофитната организација, во која не се наведуваат финансиски детали.
Хари и Меган се ангажирани на соработка со партнери кои се насочени кон социјална работа, пишуваат странските медиуми.
Нивната фондација во декември објави партнерство со непрофитната „World Central Kitchen“ и со готвачот Хозе Андрес, кој за време на карантините предизвикани од глобалната пандемија, неколку свои познати ресторани претвори во народни кујни за да ги нахрани гладните и луѓето во неволја.
Сопственикот на бројни ресторани низ САД, Андрес организацијата ја основал во 2010 година, како одговор на последиците од земјотресот на Хаити, и оттогаш продолжил да работи во области погодени од катастрофи низ целиот свет.
Двојката, која веќе живее во Калифорнија откако ја напушти Британија и се повлече од кралските должности минатата година, неодамна побара донации за вакцина од светската јавност со цел да му се помогне на населението од најзагрозените земји во светот и да им се овозможи пристап до вакцина против ковид-19.
По интервјуто со Опра Винфри, Хари воедно одлучи да соработува со влијателен американски продуцент и водител во документарна серија која се занимава со ментално здравје за стриминг сервисот „Apple TV+“.