Нашиот претставник на овогодинешната Евровизија, Васил Гарванлиев се најде на вчерашната насловна страница на реномираниот „New York Times“.
Имено, Гарванлиев имал телеонско интервју со новинарот на „New York Times“ Алекс Маршал, со кого разговарале за големото разочарување на Гарванлиев откако минатата година поради пандемијата на коронавирусот беше откажан изборот за песна на Евровизија – но и за процесот на создавање на песната со која ќе ја претставува нашата земја оваа година во Ротердам.
За Гарванлиев – и стотиците милиони обожаватели на настанот – Евровизија е далеку повеќе од обичен натпревар за песни. „Тоа е Олимпијада за пеење“, вели Гарванлиев.
Во разговорот, Васил раскажал како минатиот март седел на својот кревет чувствувајќи големо разочарување од што всушност произлегла една нежна мелодија, а потоа и му се појавиле стихови во главата.
„Оваа песна излезе од мене… И си помислив „овде имам нешто убаво“. Секако, не знаев дека ова ќе заврши оваа година на Евровизија… Јас дури и не знаев дека ќе ме одберат повторно“, вели Гарванлиев раскажувајќи дека во јануари, по осуммесечно чекање, бил поканет да настапи на овогодинешната Евровизија.
Евросонгот ќе се одржи од 18 до 22 мај, во две полуфинални вечери и големото финале, а Гарванлиев ќе настапува во првото полуфинале, 6-ти по ред.
Арената ќе има капацитет од 20 проценти, со само 3.500 луѓе во публика кои ги бодрат натпреварувачите. Настанот е официјално дел од серијата експерименти на холандската влада за да се види како да се водат големи настани на безбеден начин. Сите натпреварувачи ќе мораат претходно да снимат верзија од нивните песни во случај да се заразат со ковид-19 и да не можат да настапат.