Животот мора да продолжи, свадби треба да се прават, но со посебни строги протоколи. Од кога ќе биде дозволено да се организираат свадбени прослави ќе се знае во периодот што следи. Ова за Алсат го вели член на Комисијата за заразни болести. Инсистираше да остане анонимен со образложение дека тоа е негов личен став а кога прашањето ќе биде ставено на маса ќе одлучи комисијата и јавноста ќе биде официјално информирана.

Advertisements

„Доколку бројот на заразени со Корона вирусот и натаму се намалува, а процесот на вакцинација продолжи без никакви проблеми не гледам што би била причината да нема свадбени прослави. Треба да се најде начин како да се спроведе целата организација по посебни превентивни протоколи. Мораме да се прилагодуваме да живееме во новото време“, вели член на Комисија за заразни болести.

Министерот за здравство пак Венко Филипче денеска изјави дека се уште е рано да се организираат свадби, концерти и останати настани. Угостителскиот сектор пак,  поточно класифицираните објекти за свадби неколку пати од Владата побараа можност да работат како и останатите ресторани кои работат со протоколи. Но и да организираат свадби, без посебна забава со танцување и ора, едноставно само служење на свечена вечера.

„Туристичко Угостителската Комора е подготвена активно да се вклучи во подготовката на протоколите следејќи го искуството кое го има во другите држави. Само така ќе се обезбедат безбедни услови за организирање на овие настани, чие почитување ќе се контролира од надлежните институции“, велат од Сојуз на стопански комори.

Министерот за економија Крешник Бектеши  неколку пати најави дека кон крајот на мај состојбата со мерките ќе се олабави и ќе може со протоколи да се одржуваат семејни веселби. Властите беа секогаш децидни дека сепак последниот збор ќе го имаат здравствените власти, односно Комисијата за заразни болести.

Иле Петревски