Коалицијата „Алтернатива и Алијанса за Албанците“ бара некој да понесе одговорност за голем број смртни случаи од ковид-19, како и други здравствени и материјални штети. Од коалицијата сметаат дека Владата и Министерството за здравство продолжуваат да се однесуваат несовесно во справувањето со пандемијата.

„И покрај значителното намалување на бројот на заразени, бројот на смртни случаи останува голем. За споредба, додека во Северна Македонија во текот на април просечниот број на заразени бил 728 на ден, во Косово бил 472, а во Албанија овој број бил 189 заразени на ден. А кога се споредуваа стапката на смртност, додека во Македонија во април просекот бил 37 смртни случаи на ден, во Косово тој број бил 13, а во Албанија имало 5 смртни случаи на ден“, велат од коалицијата.

Според нив бројките покажуваат дека вируленцијата на вирусот е значително намалена, што, како што велат, е добра вест, но додаваат дека Владата е небрежна кон пациентите со ковид-19, што е лоша вест.

„Во нормални околности, овие бројки значат не само оставка на министерот за здравство, туку и на премиерот, но знаејќи дека оваа влада не го познава поимот одговорност, се подразбира дека дури и овие бројки не се загрижувачки за нив“, се додава во соопштението.