Ако се земат предвид текот на вакцинацијата, оние кои се веќе вакцинирани и граѓаните кои веќе прележале и развиле одбранбен систем, односно антитела, во текот на летото ќе имаме постигнато имунитет, вели министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас во интервјуто за грчката телевизија „Скај“.
Паралелно, објасни дека до крајот на мај ќе се отвори платформата за закажување термин за имунизација и за други возрасти, но и дека ќе се постигне имунитет за старосните групи кои веќе се вакцинираат.
-До крајот на мај ќе бидат вакцинирани 70 отсто од нашите сограѓани над 60 години, па така, на крајот на мај еден значаен број ранливи групи, возрасни лица и луѓе кои беа во сериозна опасност, ќе бидат вакцинирани. За овие возрасти 70 отсто е имунитет – објасни Кикиљас.
Министерот за здравство на Грција истакна дека во текот на вчерашниот ден биле спроведени 111.000 вакцинации, а околу 100.000 дневно се очекуваат и во следните денови.
Во однос на здравствените работници, Кикиљас рече дека се вакцинирани над 85 отсто од лекарите, но бројките „сè уште не се задоволителни за медицинските сестри, болничарите и останатиот помошен, административен и технички пресонал“ и затоа подоцна ќе се разгледа можноста вакцинацијата за вработените во болниците и здравствените центри да биде задолжителна.