Бројот на ново заразени за една недела е намален за 33,8%. Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје покажува дека во последната седмица се регистрирани 3.443 позитивни случаи во 33 градови во земјава. Бројот на тестови исто така се намалил и тоа за 16,5%. Министерот за здравство очекува состојбата дополнително да се подобрува.

Филипче нагласува дека и покрај сè, граѓаните треба да бидат внимателни и да ги почитуваат протоколите за состојбата да остане под контрола и да се движи кон целосна нормализација.

Во меѓувреме, продолжува вакцинацијата. До денеска се вакцинирани околу 56 илјади граѓани, а над 207 илјади други се пријавиле и чекаат ред. Во петок наутро се очекува да пристигнат 200.000 кинески вакцини, што се очекува да го зголеми бројот на имунизирани граѓани на дневна основа.