Доколку сè уште не сте ја примиле вакцината против коронавирусот, можеби ве интересира како да се подготвите, па и што да јадете и пиете пред и по вакцинирањето, пишува хрватскиот портал „Ординација“.

Избегнувајте го алкохолот во двата случаи
Додека некои нема да имаат посебни нуспојави по вакцинирањето, други можеби ќе доживеат главоболка, замор, болка во мускулите и мачнина. Нутриционистката Синтија Сас дава повеќе совети како да си ги олесните несаканите ефекти со правилен избор на намирници, но и што треба да избегнувате.

Дури и само малку алкохол може лесно да предизвика дехидратација, што ќе ги интензивира нуспојавите. Алкохолот е поврзан и со негативното влијание на имунолошкиот систем, па поради тоа треба целосно да го избегнувате. Исто така, ако сте мамурни, нема да можете да препознаете дали станува збор за последици предизвикани од вакцината или од алкохолот.

Внимавајте што јадете пред да си легнете
Ако сте одморени, имунолошкиот систем ќе работи најдобро што може. Според истражувањата, ако внесувате премалку влакна, заситени маснотии и шеќери, тоа може да влијае на испрекинатиот сон. Спротивно на тоа, влакната ќе ви помогнат да имате длабок и квалитетен сон. Салатата, леќата, маслиновото масло, лосос и цитрусното овошје можат да бидат добар избор. Ако сте гладни пред спиење, изедете малку овошје или јаткасти плодови (ореви, бадеми, лешници).

Не заборавајте на водата
Водата треба да ја пиете пред и по вакцинирањетп, а секако дека е најдобро да ја пиете во текот на целиот ден – од моментот кога ќе се разбудите до одењето на спиење. Ако не го сакате вкусот на водата, додадете ѝ малку лимон или пак, некоја зачинска билка.

Бирајте здрави намирници
Истражувањата покажуваат дека во текот на пандемијата сè повеќе посегнуваме по нездрава храна. Но, таа може да поттикне воспаленија и да влијае лошо на нашиот имунитет. Дека здравите навики се поврзани и со подобрата превенција од болеста ковид-19, објавиле и нутриционистите по истражувањата и тоа во магазинот „Британски весник за нутриционизам“, а за да го заштитите здравјето, тие советуваат да изберете намирници полни со хранливи материи и противвоспалителни својства. Тоа спаѓаат овошјето и зеленчукот.

Пред вакцинацијата јадете избалансиран оброк
Иако губењето на свеста не е една од нуспојавите која се спомнува, американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), сепак извести дека тоа може да се случи, без оглед за која вакцина станува збор. Обично тоа е последица на анксиозноста, но за да го спречите тоа, каснете нешто и напијте се малку вода пред вакцинирањето. Овошен сок, овесна каша или малку јаткасти плодови се секогаш добар избор.

Набавете си намирници пред вакцинацијата
Кај некои од луѓето како нуспојава ќе се појави и гадење, па поради тоа добро е да се снабдите со намирници коишто лесно се варат. Добра опција се супите од зеленчук, бананата, дињата, кафеавиот ориз и компирот. Ако ви се појави мачнина, јадете по малку на секои неколку часа.

Нуспојавите обично се повлекуваат по неколку дена.