Осумнаесетгодишното момче кое што ја прегази Верица Белчовска, девојката чии органи подоцна беа донирани и трансплантирани, избегало од местото на сообраќајката што се случила во Струмица, на 7 април годинава. Откако ја прегазил Верица на пешачкиот премин со „нисан“, возачот го напуштил местото на несреќата, но подоцна се пријавил во полиција и го признал делото.

Истрагата утврдува дали тој делото го извршил со умисла или без умисла, и од тоа ќе зависи колкава казна затвор ќе се предложи за него. Од Основното јавно обвинителство за „Слободен печат“ велат дека моментно траат судските вештачења. Во меѓувреме, на младото момче, кое имало дозвола за управување моторно возило, одземен му е пасошот како мерка за претпазливост дека нема да ја напушти државата.

Возилото е привремено одземено и ќе се врши вештачење, а по наредба на јавниот обвинител земени се примероци од крв и урина од возачот веднаш по неговото пријавување во полициската станица, со цел да се утврди присуство на алкохол или други супстанции.

Кривичниот законик, во членот 301, предвидува затворска казна од три месеци до пет години ако поради неукажување на помош настапила смрт кај повредениот. За тешки дела врз животот и безбедноста во сообраќајот кои довеле до смртни последици, минималната казна затвор е четири години.