Фотоволтаичен парк со инсталирана моќност од 50 MWp ќе изгради бугарскиот „Соларпро холдинг АД“ на местото на затворен рудник во РС Македонија, а 50-тина работни места ќе бидат обезбедени за поранешните рудари. Планираниот објект се смета за пример за тоа како може да се градат капацитети за обновлива енергија на местото на затворени рудници за јаглен, а во исто време луѓето ќе можат да добијат работа без да мора да ги напуштат своите домови.

Ова стана можно откако холдингот победи на тендер и беше избран за партнер во јавно приватно партнерство. Тендерот се однесува на изградба, работење и трансфер на еден од двата фотоволтаични паркови во РЕЦ Осломеј, којшто се наоѓа северо-источно од Кичево.

Аукцијата се одржа со наддавање во живо на 16 април со учество на три меѓународни компании. Ова е втората значајна инвестиција на Соларпро во земјата. Првиот тендер за изградба на фотоволтаичен парк со инсталиран капацитет од 10 MWp во Манастирец, Македонски Брод, беше добиен минатата година .

Со историја од над 15 години, Solarpro Holding е глобален играч на пазарот со над 3 GWp инсталиран капацитет, изграден на пет континенти.