Почитување на законите од областа на трудовото право, барање за неодложно постапување на институциите при прекршување на законите и да запре притисокот врз синидикалното организирање и синдикалните лидери, побараа синдикалците на денешниот протест на Конфедерацијата на слободни синдикати, истакнувајќи дека сите барања се во насока на подобрување на социо-економскиот статус на нивните членови и на сите работници.

– Нашите барања се почитување на законите, почитување на колективните договори. Во Македонија сите закони од трудовото право се кршат, а ние кога бараме почитување на тие закони тогаш се пресметуваат со синдикалните лидери, со синдикалните членови. Пробуваат да ги растурат синдикалните организации. Затоа кажавме денеска – доста е, претеравте, нагласи на протестот, претседателот на КСС, Благоја Ралковски.

Тој истакна дека доколку властите не ги послушаат, ќе продолжат со протестите.

– Ќе биде уште порадикално, ќе биде многу помасовно затоа што денеска беше само симболично. Нека размислат, доставивме до нив барање да направиме еден разговор на фер основа каде што ќе се почитуваме меѓу себе не од позиција на власт, туку како социјални партнери како што е секаде во Европа, потенцираше Ралковски.

Претставниците на КСС нагласија дека веќе подолг период се обидуваат да воспостават социјален дијалог со надлежните претставници на министерствата и државните органи, со цел разрешување на одредени проблеми кои ги засегаат вработените, како и да укаже на почитување на законите и колективните договори кои во континуитет се кршат, а секако, како што рекоа, истиот тек на прекршување на работничките и човековите права продолжи и за време на пандемијата.