Д-р Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во приватната клиника „Жан Митрев“ го појасни дејството на мутациите во SARS-CoV-2 вирусот и врз основа на нив смета дека доколку сега во Македонија влезат бразилскиот и јужно-африканскиот сој најверојатно нема да преовладеат над британскиот сој, кој сега е масовно раширен.

Како сој се дефинира тип на вирус што се разликува од изворниот според акумулација на мутации коишто водат до промена на неговите биолошки особини (пример, зголемена преносливост, зголемена смртност, избегнување на имун систем и слично).

Соевите како британскиот, јужно-африканскиот и бразилскиот се дефинирани од десетици мутации според коишто се разликуваат од изворниот Wuhan-ски сој, но фокусот е ставен само на 2-3 од нив.

– N501Y мутацијата – води до зголемена преносливост на SARS-CoV-2 вирусот. Ја има во британскиот, јужно-африканскиот и во бразилскиот сој.

– Е484К мутацијата – води до зголемена имуноевазивност (избегнување на имуниот систем). Ја има кај јужно-африканскиот и во бразилскиот сој.

Бидејќи во Македонија е доминантен британскиот сој (можеби над 98-99% од сите новозаразени), а бразилскиот и јужно-африканскиот сој се пренесуваат подеднакво брзо или побавно од британскиот, истите доколку сега влезат и се детектираат во Македонија, најверојатно нема да станат доминантни бидејќи ќе бидат само капка во морето со британскиот сој.

За некој сој да стане доминантен, треба многу побрзо да се пренесува од сојот што тековно циркулира во популацијата (во случајов кај нас е британскиот). Во случајов, бразилскиот и јужно-африканскиот ги немаат тие својства.

Среќа во несреќа, засега“, анализира д-р Кунгуловски на својот профил на Фејсбук.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.