Турција евидентираше над 50.000 нови случаи на коронавирус за еден ден, што претставува највисоко ниво од почетокот на пандемијата, јави ДПА. Министерството за здравство доцна синоќа соопшти за вкупно 54.740 новозаразени со коронавирус и 276 смртни случаи за еден ден.
Земјата со 84 милиони жители се бори да спречи зголемување на инфекциите, откако во март беа олабавени рестриктивните мерки, потсетува германската агенција.
Најавени се построги мерки, како што е полициски час за време на викенд, во деловите со голем број новозаразени, вклучително и Истанбул и главниот град Анкара.
Турското здружение на лекари (ТТБ) ја обвини администрацијата на претседателот Реџеп Тајип Ердога за зголемениот број нови случаи. Ердоган беше критикуван, меѓу другото, за одржување на масовни митинзи во затворени сали и покрај брзото ширење на вирусот. Претседателката на ТТБ Себинем Корур Финчанчи минатата недела предупреди дека болниците се преполни.
Вкупниот број на случаи надмина 3,6 милиони од минатиот март, додека бројот на починати е скоро 33.000.
Националната кампања за вакцинација со употреба на Синовак започна на 14 јануари. Оттогаш се администрирани повеќе од 18 милиони дози од вакцината против Ковид-19. (МИА)