Риалити ѕвездата Ким Кардашијан по седум години брак поднесе барање за развод од раперот Канје Вест. Канје не чекаше долго, туку веднаш се впушти во нови авантури.
Имено, Канје ќе ја раскаже својата приказна во новиот документарец кој содржи досега невидени снимки од раната кариера и приватниот живот на раперот.
Во вторникот, „Billboard“ објави дека компанијата „Netflix“ му платила повеќе од 30 милиони долари за да го купи документарецот составен од соработниците на Канје, Кларенс „Коди“ Сајмонс и Чајки Оза, во кој се вклучени моменти од раната кариера на раперот во Чикаго, смртта на неговата мајка Донде Вест, кариерата во модната индустрија и неговата претседателска кандидатура во 2020 година.
Не е познато дали ќе содржи и детали за неговиот нервен слом во 2016 година, за кој во тоа време беше хоспитализиран во Лос Анџелес, како и детали за разводот низ кој минува во моментов.
Засега неименуваниот документарец, треба да биде прикажан премиерно на „Netflix“ подоцна оваа година.
Минатиот месец, странските медиуми пишуваа дека богатството на Канје се проценува на околу 6,6 милијарди долари, првенствено заработка од неговиот успешен бренд „Yeezy“ вреден помеѓу 3,2 и 4,7 милијарди долари. Раперот имал и 122 милиони долари во готовина и акции, а од музиката заработил околу 110 милиони долари.
Покрај тоа, Канје има 17 милиони долари други средства, вклучувајќи значителен удел во акциите на линијата за облека на поранешната сопруга Ким. Таа неодамна и официјално се приклучи на клубот на милијардери, благодарение на успехот на нејзините брендови „KKW Beauty“ и „Skims“.