Ново истражување открило десетици „мистериозни хемикалии“ во телата на бремени жени – научниците загрижени и збунети.
Од 109 необични хемикалии идентификувани во студијата, 55 никогаш досега не биле пронајдени во човечкото тело, се открило со новото истражување објавено минатата недела во списанието „Environmental Science & Technology“. Други 42 биле тотална мистерии – и од аспект на тоа од каде потекнуваат и за какви хемикалии станува збор.
Ова откритие го потенцира недостатокот на регулаторен надзор во хемиската индустрија која употребува потенцијално опасни хемикалии не откривајќи што точно користат, соопштија научниците од Сан Франциско кои работеле на студијата на Универзитетот во Калифорнија.
„Многу е загрижувачки фактот што не можеме да ги идентификуваме употребите или изворите на толкав број хемикалии“, рече главната авторка на студијата и експерт за репродуктивни науки, Трејси Вудруф.
„Агенцијата за заштита на животната средина мора повеќе да внимава и да бара стандардизирање на извештаите од хемиската индустрија за хемиските соединенија и нивната употреба. И тие треба да ја искористат својата авторитативна моќ за да се осигурат дека имаме соодветни информации за да ги процениме потенцијалните здравствени штети и да ги отстраниме хемикалиите од пазарот кои претставуваат ризик“, вели Трејси.
Истражувачите велат дека некои од хемикалиите се користеле како пестициди, материјали за пакување и друга пластика, а за повеќето имало толку малку информации што не можеле да откријат од каде потекнуваат и како пациентите ги внеле во својот организам.
Тоа е загрижувачка вест, особено затоа што соединенијата можат лесно да се прошират од мајката на бебето, што преставува сериозна закана за двајцата.
„Алармантно е што постојано гледаме како одредени хемикалии патуваат од бремените жени до нивните бебиња, што значи дека овие хемикалии можат да бидат со нас со генерации“, додаде Вудруф за „Futurism“.