Младинскиот форум на Алијанса за Албанците и Алтернатива повторно реагираа за навредите на Албанците во некои од наставните програми. Овој пат станува збор за книгата Социологија за втора година средно. За неа од албанската опозициска коалиција оценуваат дека шири фашистичка и понижувачка пропаганда против Албанците. Имено, на страната 116 Албанците се прикажуваат како необразовани и кои не се во можност да го контролираат наталитетот. Според Алијанса – Алтернатива, оваа книга била одобрена во 2020 година од тогашниот министер од ДУИ, Арбер Адеми. Во знак на револт запалија некои од страниците.

„Поради почитта што ја имаме кон книгата, ќе ја зачуваме како книга, но сепак денес ќе ги запалиме страниците со фашистички елементи со цел да покажеме дека фашистичкиот менталитет не треба да има место во учебниците со кои се има за цел индоктринација на нашите деца. Преку официјално писмо упатено до министерката Царовска бараме оваа книга итно да биде повлечена од употреба и да се запре навредувањето на Албанците и ширењето на фашизмот во нашата земја.“