Квалификации за Мундијалот 2022: „Бомба“ во Дуизбург од Северна Македонија, со 2-1 ја победи Германија“; „Незамислива победа за Северна Македонија во Германија“; „С. Македонија ја шокираше Германија“; „Изненадување на вечерта“; „Северна Македонија ја приземји Германија“; „Германија: Пораз во квалификациите за мундијал, првпат по 20 години“, се дел од насловите во грчките медиуми за синоќешната победа на македонската репрезентација во Дуизбург , јави дописничката на МИА од Атина.
Спортските медиуми во Грција коментираат дека Северна Македонија беше „големото изненадување“ и се задржуваат на фактот што беше прекината серијата без пораз за Германија во квалификации за СП.
Грчката новинска агенција АНА –МПА пишува дека гостите „најдоа храброст да постигнат втор гол непосредно пред крајот на мечот и да ја прослават најголемата победа во својата историја против еден од најголемите фаворити за директни квалификација во завршната фаза“, а порталот на весникот „Прото тема“ коментира дека Дуизбург „се замрзна“ во 85-та минута по голот на Елмас, победата на Северна Македонија над Германија е едно од најголемите изненадувања досега.
Сајтот на спортското радио „Спор фм“, коментира дека ова е прв пораз на Германија во квалификации за СП по 20 години и дека „Северна Македонија ја прекина неверојатната низа без пораз од 2001 година“.
– Историската победа на гости за Северна Македонија над Германија ја шокираше цела Европа, а „панкерите“ претрпеа понижувачки пораз на домашен терен, пишува „Спор фм“.
Спортскиот портал „Газета“ пишува дека „Северна Македонија беше импресивна и победи на гостувањето во Германија“.
-Мегатонска бомба од Северна Македонија, која замина со победа (1-2) од Дуизбург против Германија!, коментира „Газета“.