Од една партија што влезе во Владата мамејќи со „албанскиот премиер“, ДУИ денеска се претвори во партија што им прави друга штета на Албанците, овој пат со одложување на пописот, се вели во реакцијата на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива на денешната средба меѓу претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски на која се постигна договор за одложување на пописот.
– Сепак, ги информираме Заев, Мицкоски и Ахмети дека дури и ако успеат да не надгласаат преку бројките и да го одложат пописот, тие никогаш нема да можат да го намалат бројот и процентот на Албанците во Северна Македонија. Нашите штабови и активисти, и во дијаспората и во земјата, ќе бидат будни и активни, па кога и да биде одреден датумот за попис, ние ќе бидеме тука за сензибилизирање и да го спасиме овој процес. Во меѓувреме, за секое пазарење што ќе го направите на штета на Албанците, еден ден сите ќе одговорите!, се посочува во реакцијата.
ДУИ која се преправа дека е претставник на Албанците во Владата, стои во реакцијата, денеска уште еднаш го потцени своето гласачко тело и сите Албанци.
– Самиот Зоран Заев потврди дека за одлуката за одлужување на пописот само по телефон го информирал Ахмети и оти не го прашал за став. Мицкоски, во меѓувреме, го нарече само квантитет, а не квалитет. Во оваа прилика, би сакале да ги потсетиме дека Заев и Мицкоски се предадоа на една единствена тема – проблемот со државјанството, процес што беше инициран и го спроведува Алијансата за Албанците и Алтернатива. Првично не молеа да седнеме, а наскоро ќе бидат принудени да го решат овој проблем, бидејќи тие знаат дека сите Албанци не се ДУИ и Ахмети, се вели во реакцијата на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.