За благодатите од спанаќот одамна се знае, но кога станува збор за неговата подготовка, најчесто се решавате за едноставна тава со ориз и спанаќ.
Време е да пробате и други начини кои ќе го воодушеват вашето семејство, па дури и оние најпребирливите.
Само неколку зеленчуци можат да се стават во категоријата легенди на поп културата, а меѓу нив е спанаќот кој го популаризираше цртаниот филм „Попај“. Мајките најчесто го користат како пример кога сакаат да ги убедат децата да го јадат овој здрав зеленчук. Иако низ годините некако приматот на зелени листести зеленчуци го зазедоа некои други како кељот, келерабата и др., сепак спанаќот води по содржината на витамини, железо, фолна киселина, калциум, калиум и растителни влакна.
Идеи за готвење
Намаз со спанаќ – топол, ладен, со артичоки или без нив. Во комбинација со домашно крцкаво лепче, крекери, стапчиња од морков или целер. Намазот е одличен и за мали забави. Можете да го подготвите во комбинација со зеленчук и да додадете крем-павлака. Ако го сакате во топла варијанта, добра е комбинацијата со артичоки. Некои кулинарски блогови на интернет предлагаат и рецепти во кои можете намазот да го искористите за полнење ролнички од пилешки стек.
Киш – оваа француска пита која може да се јаде за појадок, ручек и вечера, наместо да биде само со јајца и сирење, збогатете ја со спанаќ. За повкусен киш бидете креативни и додајте сечкана сланина. Уште една салата и оброкот е подготвен.
Салата – сам или во комбинација со друг зелен листест зеленчук, спанаќот е совршен за салата. Можете да го комбинирате со марула, ајсберг, кељ дури и белгиска ендивија. За прелив можете да користите што ќе посакате, бидејќи спанаќот нема интензивен вкус кој ќе лошо ќе се искомбинира со зачинет прелив.
Кремаст спанаќ – во тавче направете крем сос од павлака за готвење, измешајте го со сечкан спанаќ и додајте малку сечкана сланина. Нема повкусен прилог за било кое месно јадење.
Динстан спанаќ – ако ви се брза, ставете го измиениот спанаќ во тавче со малку путер, лук и сол. Динстајте со повремено мешање додека омекне. Слободно додајте по желба печурки или друг зеленчук, зависно од вашиот вкус.
Смути – овој здрав пијалак едноставно е задолжителен на вашето мени. Ако не секој ден, барем 2-3 пати неделно подгответе го за целото семејство. Освен спанаќ во смутито додајте состојки кои ги сакаат вашите дома. На пример, за децата добро ќе дојде во комбинација со банана или јаболко. Добар е во комбинација и со други зеленчуци, малку рендан ѓумбир и сл.
Во пити – спанаќот измешан со јајца, урда, праз и слично е добар фил во пити без разлика дали се сукани домашни или ќе се решите да користите лиснато тесто или готови кори за пита. Направете една пита или пак можете да правите мали триаголници полнети со фил од спанаќ. Дозволете ѝ на вашата кулинарска креативност да ве води и изненадете ги сите со домашна пица со спанаќ, рикота и лук.
Сладок спанаќ – за најхрабрите ова е предлог кој ќе ги инспирира. Спанаќот во комбинација со путер од кикирики и чоколадо е неодолива комбинација.
Како правилно да го користите
Денес во продавниците освен на мерење на кило, спанаќот се продава спакуван во кеси. И додека спанаќот купен од пазар, на мерење, задолжително го миете, бидејќи е полн со нечистотија, на пакувањата спанаќ најчесто пишува дека е готов за јадење. Но, сепак бидете претпазливи и задолжително измијте го пред употреба.
Според научници од американскиот Истражувачки институт при Универзитетот во Висконсин, сосема е можно во пакуваниот „ултра чист“ спанаќ да има бактерија листерија, која најчесто ја има во земјата, а предизвикува болест. Оваа бактерија не се мие со едноставно плакнење со вода, иако земјата и другите нечистотии се измиени, туку мора да ги покиснете листовите подолго време во вода во која ќе ставите малку сода-бикарбона или оцет.