Шефот на египетската служба за управување со Суецкиот Канал денеска изјави дека силниот ветер не е главната причина за заглавувањето на товарниот брод „Евер гивен“ (Ever Given).
Продолжуваат операциите за ослободување на бродот долг 400 метри, кој од вторникот го блокира бродскиот сообраќај.
– Силните налети на ветерот и метеоролошките фактори не се единствените главни причини за заглавувањето на бродот, бидејќи и други грешки, човечки или технички, исто така може да одиграле улога, рече Осама Рабие на прес-конференција во Суец.
– Истрагата ќе ги открие сите овие фактори, рече тој.
Рабие појасни дека денешните напори да се помести гигантот „Ever Given“ овозможија да се придвижи крмата (заден дел) и кормилото, но останува нејасно кога ќе може да плови.
Тој рече дека Египет губи помеѓу 12 и 14 милиони долари на ден од блокирањето на каналот.
Во моментов, 321 брод чекаат да го преминат Суецкиот Канал.