Владата засега нема намера да воведе дополнителни рестриктивни мерки против ковид-19 иако секој ден има зголемен број новозаразени, починати и хоспитализирани болни. Ова е одговорот на Влада на прашање на СДК.мк зошто веќе не се размислува и за скратување на работното време на угостителските објекти и на трговските центри, кога уште нема вакцини за да почне масовната вакцинација на населението, ниту пак се знае кога тие ќе стигнат.

На новинарското прашање испратено од порталот, колкава треба да е дневната бројка на новозаболени, хоспитализирани и на починати од ковид-19 за Владата да одлучи да донесе поголеми рестрикции, одговоиле дека во моментов здравствениот систем е стабилен и има празни болнички кревети.

„Владата носи одлуки врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести. Министерот за здравство Венко Филипче веќе најави дека не се исклучува и заострување на мерките доколку бројката на заразени продолжи да расте. Најважно е дека здравствениот систем е стабилен, навреме се проширени капацитетите и нема недостиг на кревети. Се прават опсежни анализи поврзани со здравствената состојба. Доколку Комисијата за заразни болести донесе предлог и има промена на протоколот за работа на овие економски субјекти и истиот биде усвоен на Влада, јавноста веднаш ќе биде известена“, велат од Владата.

Владата го продолжи полицискиот час од 22 до 5 часот до 6 април.

На 19 март, министерот за здравство Венко Филипче рече дека се очекува во наредните денови да се стабилизира бројката на новозаболени од ковид-19 под илјада дневно, и дека се очекува полицискиот час да даде резултат. Но, оттогаш до денеска, бројката на новозаразени не само што не падна под 1.00 дневно туку, денеска повторно е 32 отсто од бројот на тестирани, што бележи тренд на пораст за изминативе 10 дена.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.